Школа за докторски студии

Школа за докторски студии 

Воведувањето на третиот циклус - докторски студии како вистински студии со напуштање на досегашниот начин на стекнување докторат на науки, претставува една од најзначајните реформи во високото образование на Република Македонија, па оттаму, и на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Воспоставениот модел на докторски студии на УКИМ, по примерот на развиените европски универзитети, е прв од ваков вид, не само во државата, туку и на Балканот. Истовремено, концептот за организирање на докторските студии во Школа за докторски студии е една од основните карактеристики на интегративното дејствување на Универзитетот.    

Докторските студии траат три години, што изнесува 180 ЕКТС-кредити.
Студиските програми се состојат од:
1. обука за истражување, што изнесува 30 ЕКТС-кредити;
2. едукација, што изнесува 30 ЕКТС-кредити;
3. пријава, изработка и одбрана на докторската дисертација, што изнесува 120 ЕКТС-кредити.

Обуката за истражување опфаќа:
  • - три предмети за стекнување генерички знаења и вештини за истражување, што изнесува 12 ЕКТС-кредити (сите предмети од оваа група изнесуваат 4 кредити), и тоа: предметот научноистражувачка етика, еден предмет од групата предмети методологија на истражување и уште еден предмет од понудената листа на други предмети од обуката за истражување, која, по предлог на носителите на студиските програми, ја потврдува Универзитетскиот стручен совет за докторски студии;
  • - докторски семинари, конференции и работилници од истражувачка практика, што изнесува 18 ЕКТС-кредити.

Едукацијата опфаќа предмети од полето, областа и од потесната област на истражување, што изнесува 30 ЕКТС-кредити.

Структурата на студиските програми за докторски студии, распоредена по семестри може да се види и од табелата дадена во делот Студиски програми.

Официјалниот почеток и работата на Школата за докторски студии на Универзитетот, беа означени со првото предавање од обуката за истражување на третиот циклус - докторски студии, насловено „Универзитетот, науката и етиката - концепција и практика на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје“ кое го одржа ректорот проф. д-р Велимир Стојковски.

Овој значаен настан се одржа на 1 декември 2011 година во големиот амфитеатар на Филозофскиот факултет, во присуство на првите запишани кандидати, раководството на УКИМ, декани на факултетите, директори на научните институти, раководители на студиските програми од трет циклус студии, наставно-научни кадри, вработени на Универзитетот, претставници на медиумите, а пред аудиториумот се обрати и министерот за образование и наука м-р Панче Кралев.


 

Последни новости