Ректор

РЕКТОР 


Ректорот е раководен орган на Универзитетот. Ректорот го претставува и го застапува Универзитетот во земјата и во странство. Правата, должностите и одговорностите на ректорот се утврдени со Статутот на Универзитетот.


Проф. д-р Биљана Ангелова


Наставно-научно звање:редовен професор
Научна област:финансиски менаџмент
Е-адресa:b.angelova@ukim.edu.mk

Биљана Ангелова е родена на 21 мај 1965 година, во Скопје. Дипломирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Економскиот факултет, во 1987 година, каде што во континуитет ги завршила и постдипломските студии, со запишувањето во 1988 и магистрирањето во 1993 година на насоката Маркетинг и надворешна трговија. Докторската дисертација ја пријавила на Економскиот факултет при УКИМ, во 1994 година, а ја одбранила во 1999 година, со што се стекнала со звањето доктор по економски науки.

На Економскиот институт е вработена од 1992 година, каде што во континуитет се избира во сите научни и наставно-научни звања. Во 2007 година, првпат е избрана во највисокото научно, односно наставно-научно звање – научен советник/редовен професор во областа на деловните финансии, а во 2012 година повторно е избрана за редовен професор во областа на финансискиот менаџмент.

Автор е на повеќе од 80 публикувани научни трудови и трудови презентирани на конференции и издадени во меѓународни списанија. Издала 10 учебници, учебни помагала и прирачници и учествувала во реализацијата на голем број научноистражувачки и апликативни проекти. Земала учество на голем број меѓународни конференции во странство. Активно работела и била носител на повеќе меѓународни проекти во соработка со реномирани странски универзитети и меѓународни институции.
Реализирала студиски престои на универзитети и институции во повеќе земји, како: Австрија, Велика Британија, Италија, Германија, Чешка, Кина, Словенија, Србија и други.

Во периодот 2006 – 2008 била раководител на студиите од втор циклус по меѓународен менаџмент, а од 2008 до денес раководи со насоката Финансиски менаџмент.
Била прв раководител на студиската програма од трет циклус студии – Организациски науки – менаџмент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во периодот 2012 – 2016, организирани од страна на Економскиот факултет, Економскиот институт и Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ.

Во седумгодишниот период, од ноември 2009 до септември 2016, била директор на Економскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Во 2013 година го иницира повторното поврзување и вмрежување на економските институти од сите поранешни југословенски републики, ја обновува соработката и ја формира Меѓународната асоцијација на економски институти на земјите на Југоисточна Европа, на која станува и нејзин прв претседател.

Во периодот од 2016 до 2023 ја извршува функцијата проректор за финансии, инвестиции и развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На оваа функција првпат е избрана во јуни 2016 година за мандатен период од четири години. Повторно била избрана на оваа функција во 2020 година, за мандатниот период 2020 – 2023 година.

Во текот на седумгодишниот мандат на позицијата проректор за финансии, инвестиции и развој, извршувала и други надлежности кои ѝ биле доделени. Од 2016 до 2023 била претседател на Комисијата за финансии и на Комисијата за издавачка дејност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Од 2016 до 2023 година била член на академскиот борд на Институтот „Конфуциј“ при УКИМ и активно работела на унапредување на научната соработка меѓу Универзитетот за финансии и банкарство во Ченгду, Република Кина и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Била иницијатор на меѓународни научни конференции со претставници на двете држави и остварила неколку академски престои на партнерскиот универзитет од Република Кина.

Во 2018 година, со Одлука на Универзитетскиот сенат била назначена за претседател на Надзорниот одбор на Универзитетското друштво за иновации и трансфер на технологии „ИНОФЕИТ“, функција која ја извршува сè до септември 2023 година.

Од 2018 година е активно вклучена и во сите активности кои УКИМ ги презеде за формирање, промовирање и поддршка на Акцелераторот, каде што УКИМ учествува со најголем удел. Активно ги следи и учествувала во сите активности кои ги спроведува Акцелераторот во своето четиригодишно работење.

Била член на Комисијата за нострификација на странски високообразовни дипломи при Министерството за образование и наука, во областа на општествените и хуманистичките науки.

Во 2016 година е избрана за независен член на Надзорниот одбор на Халк банка АД Скопје од страна на Акционерското собрание на Банката, со лиценца издадена од страна на Народната банка. Исто така, Ангелова е и член на Одборот за ревизија на Банката. Во 2014 година учествувала во формирањето на Академијата за банкарство и информатичка технологија, препознатлива по спроведување на стручни обуки за вработените во банкарскиот сектор каде што била назначена за член на Академскиот одбор.

Активно била вклучена во процесот на трансформација на претпријатијата со општествен капитал уште од самите почетоци во 1994 година. Во текот на 2011 година, учествувала и во изработката на Законот за процена и автор е на неколку законски усвоени методологии за процена на капитал на трговските друштва, права од интелектуална сопственост и информатичка технологија. Била обучувач и претседател на повеќе комисии, назначени од страна на Министерството за економија, за спроведување на обуки и стручен испит за процена. Во континуитет е назначена и за претседател на Комисијата за полагање на стручен испит за материјално-финансиско вештачење од страна на Министерството за правда и била член на Надзорниот одбор на Комората на вештаци.

Активно работела и била носител на повеќе меѓународни проекти во соработка со Светска банка, Европска банка за реконструкција, USAID, UNDP, JICA, Cooperacione Italiana, Swiss Agency for Development and Cooperation SDC и други меѓународни институции. Соработката со бизнис-секторот, во делот на развој на бизнис, физибилност на инвестиционите проекти, експертски и други стручни ангажмани, ја остварува во континуитет, во рамки на нејзината експертиза.

Активно работела и со Комисијата за хартии од вредност, каде што четири години, од 2013 до 2017 година, била претседател на Комисијата за спроведување на обуки и стручен испит за овластени брокери и инвестициони советници.

Од 2014 до 2018 година била претседател на Комисијата за доделување на државни ордени и признанија во Кабинетот на претседателот на Република Македонија.

Активно учествувала во изготвувањето на извештаите за самоевалуација на УКИМ, како и во многу други анализи на состојбите во високото образование, поврзани со финансирањето, научноистражувачката дејност, дигитализацијата и меѓународната соработка, што ѝ овозможува да ги согледа состојбите во сите сегменти на функционирањето на Универзитетот.