Ќе бидат доделени пет стипендии на четири факултети на УКИМ, за што компанијата и Универзитетот потпишаа Меморандум за соработка, во кој се дефинирани условите и начинот на стипендирање на постдипломците. Со ова, петта година по ред ОКТА обезбедува поддршка за студентите на најстарата и најголема високообразовна институција во државата.
„Особено сме горди на оваа наша определба како компанија, да ги поддржуваме младите во нивната желба и амбиција да го надградат сопственото образование. Најдобар доказ за оправданоста на оваа наша заложба е што вкупниот постигнат просек на нашите досегашни стипендисти кои веќе магистрираа изнесува 9,95. На овој начин, не само што го помагаме индивидуалниот развој на успешните студенти, туку, што е уште поважно, директно придонесуваме кон создавање на висококвалитетни кадри, а со тоа и отворање нови можности за напредок на заедницата“, изјави Вук Радовиќ, главен извршен директор на ОКТА.
Стипендиите и годинава се доделуваат на факултети кои се сродни со дејноста на ОКТА, и тоа две за постдипломци на Факултетот за електротехника и информациски технологии и по една стипендија на Машинскиот, на Природно-математичкиот (Института за хемија) и на Технолошко-металуршкиот факултет. Право да аплицираат имаат сите студенти кои првпат ќе запишат втор циклус студии на овие факултети во учебната 2021/2022 година.
„Навистина сме задоволни што соработката на ОКТА со нашиот универзитет прерасна во традиција. Компанијата стана вистински партнер на УКИМ во исполнувањето на нашата примарна мисија – на студентите да им овозможиме најдобри услови за стекнување што поквалитетно образование. Нема никаква дилема дека ваквиот тип соработка помеѓу високообразовните институции и бизнис секторот вродува со плод и е мотив повеќе за студентите целосно да се вложат и посветат на своето образование“, изјави Никола Јанкуловски, Ректор на УКИМ.
Конкурсот за стипендиите што ги доделува ОКТА, со сите потребни детали, е објавен на интернет страницата и на социјалните мрежи на компанијата, како и на интернет страниците на четирите факултети. Рокот за аплицирање е 4-ти октомври 2021 година, кога завршуваат и уписите за втор циклус студии на УКИМ. Изборот на најдобрите апликанти ќе го изврши комисија составена од претставници на ОКТА и на соодветниот факултет.
Во изминатите четири години, ОКТА додели вкупно 35 стипендии за студенти на втор циклус студии на факултети на УКИМ, како и седум стипендии за втор циклус студии на универзитетите во Пиреја и на Крит во Република Грција.